Ние Македонците бевме помеѓу првите кои го примија Божјото Слово (обраќањето на Лидија во Филипи, Македонија – Дела на апостолите 16:14-15). Нашата генерација посветени христијани има обврска да воспостави нови вредности помеѓу Македонците, вредности засновани на Библијата, да ги презентира Христијанските принципи и упатства за живеење.
Што се однесува до Христијанството, во нашата историја има огромна празнина. Единствено, Божјата милост и благодат сe уште се благонаклонети кон нас, Македонците.
Затоа, не сакаме токму врз нас, да се исполни пророштвото, според кое првите ќе бидат последни, а последните – први (Матеј 19:30; Марко 10:31).
„Каде нема раководство (Божјото Слово), народот пропаѓа.“ Изреки 11:14
Според Библијата, сите народи и јазици ќе дојдат до Евангелието (Откровение 14:6), и ќе слушнат дека Исус Христос е Господ и Спасител, ќе слушнат дека оние кои веруваат се спасени преку Неговата крв и имаат вечен живот, ако ги исповедаат гревовите и не грешат повеќе. Ќе слушнат за Божјото царство и за можноста да бидат дел од него, доколку Го прифатат Исус како врховен господар над нивниот живот на земјата и доколку сведочат, во секоја прилика, за Божја слава.
Немаме повеќе време за чекање. Второто доаѓање на Христос е близу.
Маран-ата!
Мораме на Македонците да им го понудиме спасението, преку светата крв на Исус Христос.
ДЕНЕС е денот на спасението. Не е утре.
Затоа, мораме секојдневно да бидеме активно присутни за:
• Да постигнеме одржив ангажман во ширењето на Евангелието низ цела Македонија;
• Да создадеме и одржиме цврста инфраструктура за поинтензивна ангажираност преку обединување на дело;
• Да се реорганизираат и рефокусираат евангелските Христијани во Македонија кон целта – Секое уво да слушне за Христос и Неговата спасителна крв;
• Да му помогнеме на македонскиот народ и на другите кои живеат во Македонија, полесно да и пристапат на Библијата како на вечно Божјо Слово;
• На изгубените и оние што страдаат, да им предложиме друг начин на живеење – христијански, преку постепена лична промена;
• Активностите на евангелските христијани да ги прошириме и во регионот;
• Да ја мобилизираме и поттикнеме јавноста и да извршиме влијание врз одговорните власти да го употребуваат и практикуваат знаењето и мудроста од Библијата – непогрешивото Божјо Слово.
Нашите 24/7/365 молитви ќе бидат фокусирани на бесплатно понудениот дар од Господа – Спасение за Македонците преку Исус Христос: Драг небесен Татко, „... "Прости ни ги сите наши беззаконија и прими нe добро, а ние ќе принесеме жртва од устата наша." Во името на Исус во Кого веруваме со сето срце и ум. Амин.
Нека секој од нас да се моли со оваа молитва, со вера, без сомневање и мои драги браќа Македонци „Бојте се од Бога и подајте Му слава...“ Откровение 14:7 и со вера „Земете го со себе Словото Божјо (Библијата) и обратете се кон Господа“ Осија 14:2
« предходна страна
|