Почеток Контакт English   
 
 


За посветеноста кон Бога – WM016

Од Љупчо Ристовски

Откровение 3:15,16 “...Ова го вели Амин, Верниот и Вистинскиот Сведок, Почетокот на Божјото создание: ги знам делата твои, ти не си ни студен, ни жежок, о да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблујам од устата Своја!“

Кога Словото вели црквите, тоа се однесува и на црквите Македонски. Пораката е универзална, иако се однесува во конкретниов случај на црквата во Лаодикија. Целото Слово е исполнето со една силна и единствена порака. Слушајте го Господа. Заповедта е да го сакаме Бога со сето наше срце, тело, душа и разум, а ако сакате некого и ќе му бидете послушни, ќе бидете внимателни и приврзани едни кон други.

Бог ја докажа Неговата верност и приврзаност кон нас, кон човекот како Негово создание, негова творба. Дали ние, почитувани, сме ја докажале нашата приврзаност кон Него? Дали ние, да се запрашаме искрено и задлабочено, се однесуваме кон Господа со таква посветеност каква што Тој очекува од Неговите Божји чеда? Или, си велиме самите на себе, и ова е доволно, колку можеме толку, односно колку времето и секојдневните обврски тоа ни го дозволуваат, толкава ќе биде и нашата посветеност кон Господа.

Ајде сега, да се запрашаме колку им е потребна нашата земна љубов, на тие околу нас, на тие кои не сакаат по тело, на децата, обратно на родителите, на нашите блиски односно ближни, при тоа, исполнувајќи ја втората страна од најголемата Исусова заповед – да го сакаме ближниот како што се сакаме себе си. Колку време и внимание очекуваат од нас нашите најблиски и најближни. Ги употребувам двете кованици заедно, оти не секогаш нашите најблиски се и наши најближни. Сите ја знаеме добро приказната за добриот Самарјанин, кога на прашањето на законикот, Исус одговори: Ближен е оној што искажува милосрдие (Лука 10:37).

Се разбира потребата од нашето присуство кај децата е неспорна, и обратно нам ни е потребно дневно и постојано присуство на децата. Колку ли е потребата на Бога да биде во наше присуство? Дали реално чувствувате дека тој чезнее деноноќно, за да биде во наше присуство, за да ни биде на дофат Неговата бескрајна љубов кон нас, кон Неговите бесценети Божји созданија.

А дали ние чезнееме деноноќно за Него, за неговото присуство во нашето секојдневие?

Впрочем, денес живееме во последните времиња, кога се очекува и е на сцена ладење на љубовта. Секојдневието е полно со морбидни случки на омраза помеѓу браќа, сестри, помеѓу деца и родители. Бројни се примерите според кои секојдневно слушаме коментари од типот – “никој никого не гледа“, “секој си е сам за себе“, “ти гледај си за себе“, “човек на човека е волк“ и што ли уште не. Тоа само по себе говори дека на сцена е класично отуѓување, што го потврдува пророштвото дека во последните времиња ќе олади љубовта помеѓу луѓето.

Ваквиот сплет на околности е донекаде разбирлив, ако се работи за “светот“, кованица која ние ја употребуваме за сите надвор од црквите. Но, дали е својствено и за црквите денес, или конкретно за нас овде присутните. Дали, помеѓу нас, почитувани, постои оладена љубов. Колкумина овде, одвај збор проговоруваат помеѓу себе, колкумина овде немаат ништо повеќе да си кажат освен по некој “коментар“ едни за други. Дали ние ја исполнуваме заповедта на Исус да се сакаме едни со други, пред се затоа што прво сме браќа по вера? А според Словото, Исус живее во нас и преку нас.

Постојано во трчаница, постојано зафатени, преокупирани со проблеми, со обврски, со секојдневието. Дали е тоа целта на нашето постоење? Дали со таков живот сме навистина среќни? И уште поважно, дали со таквата дневна рутина, Бог е задоволен од нас и од нашето практикување на верата во дух и вистина, од нашето сведочење за слава на Бога?

Велам сведочење, затоа што Словото е јасно: Римјаните 1:16,17 “...Јас не се срамам од Евангелието на Христос, вели апостол Павле, бидејќи тоа е сила Божја која спасува секого што верува.......Бидејќи во него се открива правдата Божја, од верата и во верата, како што е напишано: Праведникот од верата ќе живее“

Ако сме убедени во ова што го слушаме и читаме од и во Словото, а сигурен сум дека сме, тогаш зошто се уште одиме по човечки. Зошто и понатаму, да бидеме слуги на ѓаволот, однесувајќи се отуѓено помеѓу нас. Отуѓеноста помеѓу нас води кон делби, делбите кон раздор, и токму на ваков начин ние ја носиме одговорноста за успешноста на црквата и за силината и присутноста на Словото кај народот.

“...Секое царство ако е поделено само против себе, запустува, и дом кој е поделен сам против себе, пропаѓа“ Лука 11:17

Нема кој друг, почитувани мои, да излезе пред нашиот народ и храбро, јасно и со вера да му ја објасни заблудата, да му го симне превезот од очите, за да види, за да ја види светлината која Исус ја има, и која нуди надеж за секој од нас и за целиот народ во Македонија.

1 Самоил 12:19 “И сиот народ му рече на Самоил: Помоли се за слугите свои пред Господ, твојот Бог, за да не умреме; зашто кон сите гревови наши додадовме уште едно зло...“ А Самоил им порача “...Не плашете се.....но само не отстапувајте од Господ, и служете му на Господ од се срце, и не одете по ништожни богови, кои нема да ви донесат корист и нема да ве спасат, бидејќи се бесполезни. А Господ нема да го остави народот Свој заради Своете големо име, бидејќи на Господ му беше мило да ве избере за Свој народ; исто така и јас нема да си дозволам грев пред Господ да престанам да се молам за вас, и ќе ви го покажувам добриот и правиот пат. Само однесувајте се со стравопочит кон Господ и служете му вистински од сето свое срце, зашто видовте какви големи дела изврши тој со вас“.

Ако не отстапиме од поуките Господови и ако ги интензивираме нашите молитви како црква, во нашите домови заедно со нашите блиски, и во секоја прилика постојано да се молиме со пламена молитва со вера, нема сила која ќе може да го спречи Божјото присуство во нашите животи, во нашите домови и семејства, во нашите цркви, држава и народ. А знаеме, каде што е Божјото присуство таму злото не се допира и ѓаволот наоколу рика како разјарен лав, ама сила и власт нема. И еве ја наградата:

“...Оние кои се бојат од Бога, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред лицето Негово се пишува спомен книга за оние што се плашат од Бога и го почитуваат името Негово. Тие ќе бидат мои, вели Господ Саваот, Мојата сопственост во оној ден, што го готвам, и ќе бидам милостив кон нив како што татко е милостив кон синот свој, кој му служи. И тогаш ќе се обратите и ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не му служи“ Малахија 3:16-18

500 години пред Христа, пророкот Малахија прорекол “Уште од деновите на вашите татковци отстапувате од наредбите мои и не ги пазите, вратете се кон Мене, и јас ќе се вратам кај вас, вели Господ Саваот. Вие пак ќе речете, како да се вратиме? Смее ли човек да краде од Мене! Ќе речете: Што крадеме од тебе? – од десетокот и од приносите! (внимавајте: и од приносите) Со проклетство сте проколнати, зошто Ме крадете, вие и сиот народ. Донесете ги сите десетоци во ризницата, па да има храна во Мојот дом, и потоа испитајте Ме, вели Господ Саваот (на воинственоста): зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да немате и на претек?... и лозата ваша во полето нема да остане без плод, вели Господ Саваот. И блажени ќе ве нарекуваат сите народи, зашто ќе бидете земја на благослови, вели Господ Саваот“ Малахија 3:7-15

Целта е, десетокот од времето кое ни е обилно дадено, принесено да го живееме на земјата, да си го дадеме на Бога, а не само материјалното, (кажано е дека човекот нема да живее само од леб, но и од Словото) туку, времето посветено во молитва, во читање на Словото, практикување на поуките и пораките од Него, сведочењето за слава на Бога.

Неодамна бев во Израел и имав молитва во синагогата до самиот т.н. Зид на плачот, кој е северната страна од Соломоновиот храм, a на негово место е подигната импозантна џамија. Таму е вообичаено, евреите, Израелевиот избран Божји народ да доаѓаат и да се молат по два до три саати дневно и да читаат од светите книги. Таа глетка на луѓе во пламени молитви, долги молитви со вера, и постојано секојдневно, импресионира сама по себе. И благословот е тука, не изостанува. На секој чекор во Израел се гледа Божјото присуство, и денес. И замислете, Израел кој е теренски пустина, во камен и ретко зеленило, произведува 5 милијарди долари во храна од кои 1 милијарда ја извезува. И сето тоа на 22.000 км2, што е за отприлика 20% помалку од територијата на Македонија. Како е тоа можно почитувани мои? Сите се како мравки, работат од изгрејсонце до зајдисонце, кротко, понизно, тивко, трпеливо, вредно, готово фанатично фокусирани кон Бога. Тоа е она што нам ни недостасува и како црква и како народ. Тоа е чекорот кој мора да смогнеме сили да го направиме. Да се вратиме на “првата љубов“, на нашата пламена вера, да ги вратиме пламените молитви со вера и без сомневање во нашите домови, семејства, цркви. Да работиме напорно од изгрејсонце до зајдисонце, од душа, како за Господа, а не за луѓето. (Римјаните) И убеден сум дека знаете, дека благословите нема да изостанат. На ниедно поле, ниту на здравствено, ниту на материјално, во финансиска смисла. Бог ни кажа “Двајца во согласност, што и да побараат, внимавајте, што и да побараат, ќе им биде дадено од Отецот небески“. И се прашувам, зошто се уште, пламено и ревносно, не го примаме дарот на Светиот дух, кој дојде за нас, за нам да ни биде убаво, да не страдаме под налетите на ѓаволот, да имаме живот, и тоа не било каков, туку живот во изобилство (Јован 10:10). Сонувам ова да постане стварност. И се молам, со зборовите од Псалм 69:13 “ Јас, пак, молитвата моја ја упатуван кон тебе, Господи, во благопријатно време, Боже, со големата Своја милост услиши ме, заради вистината на спасението од Тебе“.

Пророкот Даниел ова го знаеше и затоа не упатува и поучува, како тоа се чини во глава 9:3-6, 17-19 “И го свртев лицето мое кон Господ Бог со молитва и со молба, во пост,....И му се молев на Господ мојот Бог, се исповедав и Му реков: Те молам Господи, Боже Велики и чудесен, Кој пазиш на заветот и имаш милост за оние кои Те сакаат и кои ги пазат Твоите заповеди! Згрешивме, вршевме беззаконија, дејствувавме нечесно, се противевме и отстапивме од Твоите заповеди и од Твоите наредби и не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа од Твое име на царевите наши и на достоинствениците наши, на татковците наши и на сиот народ на земјата........А сега чуј ја Боже наш, молитвата на Твојот слуга и неговото усрдно молење, па заради Тебе, Господи, погледај со светлото Твое лице на опустошеното Твое светилиште. Приклони го, Боже мој, увото Свое и послушај, отвори ги очите Свои и погледај ги нашите пустоши и градот, во кој се призива името Твое; зашто ние ги принесуваме молењата свои пред Тебе, надевајќи се не на нашата праведност, туку на Твојата голема милосрдност. Чуј Господи, Господи прости ни, Господи погледај и изврши, не колебај се поради Самиот Тебе, Боже мој, зашто името Твое се призива во Твојот град и во Твојот народ!“

Дека сме и ние Негов народ говори Словото. Сега е времето на милоста за незнабожечките народи, за сите нееврејски народи, во кои спаѓа и македонскиот. Време, кога ние ја имаме единствената шанса да се накалемиме на дрвото на животот и да постанеме како што Словот не нарекува “новиот Израел“.

И еве како ни се праќа порака во Ефесјаните 2:11-22 “И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови, во кои живеевте некогаш според животот на овој свет, согласно со кнезот на возухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието, меѓу кои и ние сите некогаш живеевме ... не засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, не оживеа во Христос и не воскресна со Него и не постави на небесата во Христос Исус...затоа помнете вие, кои некогаш по тело бевте незнабошци, и наречени необрезани од т.н. необрезани со телесно обрезание, правено со раце, дека во она време бевте без Христос, отстранети од општеството на Израел, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот; но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова. Зашто Тој е нашиот мир, кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата која беше меѓу нив, откако со телото свое го уништи непријателството, а законот на заповедите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир, и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уништи непријателството во себе. И, откако дојде тој ви благовести мир вам, далечни и блиски, зашто преку Него, и едните и другите имаме пристап кај Отецот во еден дух. И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство, зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како камен темелник Самиот Исус Христос, врз Кого, целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господ; врз Кого и вие ќе се созидате во живеалиште Божјо преку Духот.“

Зошто не сака Господ? Затоа што сме негова совршена творба, Божјо создание. А ова е добро да се слушне и да се употребува при наше сведочење пред нашиот народ кој секојдневно гине во незнаење и кој е се уште на нивото на кое беше неверниот, внимавајте апостол Тома, кој на крај сепак заклучи и извика пред Христос: “Господ мој и Бог мој!“. Јован 20:28

Откровение 3:19-22 “Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се. Ете стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене. На оној што победува, ќе му дозволам да седне со Мене на мојот престол, како што и јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол. Кој има уво, нека чуе, што им зборува духот на црквите.“

“А вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот дух, запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ Исус Христос, за вечен живот. И така разликувајќи ги, едни милувајте, а други со страв спасувајте, истргнувајќи ги од оган и изобличувајќи ги со страв...А на Оној, Кој може да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја – на Единиот премудар Бог, нашиот Спасител преку Исус Христос, нашиот Господ, слава и величие, сила и власт преку сите векови, сега и во сите времиња“ Амин! Послание на Јуда 1:20-25


Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com