Почеток Контакт English   
 
 


Морална криза – каде е и во кој правец оди Македонија – WM015

Живееме во т.н. модерно време, 21 век, век на технолошки револуции, напредок од невидени размери скоро во сите области од човековото живеење. Никогаш, како досега во историјата немало толку силен прогрес во развојот на човештвото, генерално.

Но, истовремено, како никогаш во историјата не биле толку изострени разликите во спознавањето на доброто и злото.

Од исконски времиња па до денес, историски потврден факт е дека народите одејќи напред, заборавале на Бога и преминувале во фаза на “сезнаење“, фаза во која сами носеле одлуки, без да го обезбедат Божјото присуство. На пр. во времињата кога Мојсеј го поведе Божјиот народ – Израилот, кон ветената земја, при тоа избавувајќи го од Египетското ропство, наместо за 18 дена колку реално било потребно да дојдат до територијата на денешниот Израел, на народот му требале цели 40 години, години исполнети со бегање од Бога, од Божјата милост, од Божјите благослови и од ветената земја. Наместо, во понизност и благодарност до Бога, што конечно неколку вековното ропство под Израел беше прекинато од Господа преку Мојсеј на чудесен начин, видлив за сите, Израилот му врати на Бога со непослушност, со роптање, со постојано незадоволство, па дури и со комплетно откажување од него, предавајќи се на идолопоклонство, му се поклонија и потчинија на “златното теле“, на идол направен од човечки раце. (Втора книга Мојсеева - Излез 32 глава)

Народот се одметна од Господа целосно, иако ја имаше почуствувано Божјата милост, кратко пред тоа. Мислеше дека сами, со својата човечка, земна мудрост, секако ќе дојдат до ветената земја. Ваквиот развој на настаните не беше по волја на Бога и токму поради тоа, патот до ветената земја беше одложуван со години, при тоа зголемувајќи го неверието кај Израилот уште повеќе. Не заради докажување на неминовноста од потребата за припадност кон Бога, туку и заради поука и изобличување на генерациите потоа, на народите кои се колебливи во верата и во практикувањето на истата во секоја сфера од живеењето.

Ваквите поуки и изобличувања се наменети и за нас Македонците. И ние, како и другите народи, сме склони, во човечко тело, да бегаме од вистината, да сме понастрана од Бога и од Божјото присуство. Кога ни е најтешко низ историјата или во нашите животи, дури тогаш го бараме Бога, одиме во црква, сме во молитва и се обидуваме во верата и преку црквата да го најдеме излезот од слепата улица. Но, Господ Бог не дозволува да биде третиран како “драгстор“, и да се практикува по потреба. Напротив, Господ Бог сака и очекува од нас жива и секојдневна комуникација преку молитвата и читањето на Божјиот збор.

Токму затоа, никако не смееме да дозволиме Господ и црквата да ни бидат попатна станица до “ветената земја“, до успехот во нашите животи.

И Ве прашувам, мили мои, дали овој луксуз ни е навистина потребен. Дали можеби не е моментот, пред да се случи лошото, да го обезбедиме Божјото присуство во нашите срца, семејства и домови, преку постојаното поучување, изобличување и практикување на Божјиот збор во правда и правичност, преку нашата силна и непоколблива вера во нашиот Господ и Спасител Исус Христос. “Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност.“ 2 Тимотеј 3:16

Можеби Ви звучи многу едноставно, но тоа е токму така. Во спротивно, доколу не го обезбедиме Божјото присуство во нашите срца и домови, нема да го најдеме мирот и спокојството какви што Бог ги нуди за секој од нас.

А каде сме ние во сево ова, каде е Македонија и Македонскиот народ? Дали сме ние верни во Господа и дали сме му послушни на Бога и на Неговиот збор?

Нека секој од нас, драги мои, за миг ги затвори очите и помисли на сите милости и блгослови кои Господ ги објавил во неговиот живот и нека благодари за нив, за секоја ситница која ја чувствува како милост од Бога. Но, истовремено, да се замислиме и за сите неправди кои ни се случиле или сме ги предизвикале во периодот кој е поминат, за сето зло кое сме го поттикнале и сме биле директно учесници во него. Време е, секој да се покае во Господа и започне нова страница од својот живот. Господ е подготвен, секого од нас да го прими под своја закрила, под своја заштита, да прости и милостиво да ги изгради нашите карактери, преку турбуленции, кои раѓаат трпение, издржливост и на крај надеж во Господа.

Да, драги мои, ветената земја постои и за нас Македонците. И за нас, Господ, трпеливо подготвува терен за покајание, за да се излее Божјата милост и благодат врз мојот народ. Потребно е преку постојана вера и преку развивање на близок, присен однос со Бога, да го заслужиме Бојото присуство и милоста Божја врз нас.

Периодот на транзиција во Македонија трае предолго. Периодот на неуспеси на скоро сите полиња ни стана навика. До кога? До кога, ние Македонците ќе талкаме “низ пустината“ како Израилот? До кога ќе живееме во духовно слепило и упорно одбивање да му се покориме на Бога и на Неговата воља за нас Македонците. А таа е: “Да ни даде живот и тоа не било каков, туку “...Јас дојдов за да имаат вечен живот и да имаат изобилие“ Јован 10:10 “да ни даде успех и просперитет каде и да одиме и што и да правиме, доколку сме со Господа и под власта на Божјите заповеди и пораки (Исус Навин 1-ва глава).

Моралната криза на денешното живеење е видлива на секој чекор. Од ден на ден се повеќе на виделина излегуваат вакви или поинакви афери за крупни и ситни кражби, од страна на угледни и видни луѓе кои значат многу во своите професии, доктори, професори, судии, нотари, адвокати, обвинители, политичари, бизнисмени и други. Корумпираност насекаде околу нас, зло кое го јаде субстратот на перспективите за живот под Бога. Дали е нешто променето од стари времиња до денес? “Нема веќе верни луѓе по земјата, нема праведни меѓу луѓето; сите кројат сплетки, за да проливаат крв; секој му става на брата си стапица. Рацете им се приготвени за да прават зло: началникот сака подароци, судијата суди за поткуп...“ Михеј 7:2,3. Насекаде, помеѓу младите разврат, блуд, снимање порно сцени во училиштата, пијанчење, пушење, дрогирање, предбрачен секс, изгубени генерации на млади, крадење, насилство, непочитување кон родителите, кон постарите, немање срам и чувство за страв од осуда на околината, за страв од законските санкции и што ли уште не. Убиства, брат против брат, дете против татко, татко против ќерка. Еве како било во стари времиња, 740 до 700-та година пред Христос: “...синот го угнетува татко си, ќерката се противи на мајка си, снаата станува против свекрвата; непријателите на човекот му се неговите домашни.“ Михеј 7:6 Бракови од ист пол, перверзии до бескрај, абортуси секојдневно, расправии, разводи, неслога, нервоза, болести, страв, немир, бесперспективност, сиромаштија, безизлез скоро во секој поглед. Дали е сево ова Божјата воља ?

Не, драги мои, ако ја отворите Библијата и се задлабочите во таа единствена и неповторлива ризница на бескрајни мудрости и знаења, ќе видите дека овие декаденции не се по вољата на Бога. Моралниот распад на Македонското општество не е планот на Господа за нас.

Затоа, драги мои, нема кој друг да ни помогне да го сопреме падот на денешните и идни генерации, освен Господ Бог. Време е секој од нас да се замисли и запраша дали ја сака пропаста за своето дете, како судбина.

Време е да ги “завратиме ракавите“ и покајнички да се обратиме кон Господа: “Боже, дојди и помогни ни во Македонија. Дај ни мудрост и знаење да го тргнеме слепилото од нашите очи и да те видиме Боже. Да те спознаеме како наш Господ и Спасител и да започнеме да те слушаме, заради наше добро, да не би талкале уште 40 години низ пустината во нашите животи.“

Еден е патот, вистината и животот, тоа е нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Да се покаеме преку него, да го примиме спасението преку неговата жртва на крстот Голготски, како опомена дека Бог дојде во тело, не Нему да му биде поубаво, туку нам да ни биде подобро, да видиме и да поверуваме дека “се станува од него и преку него“. Нема успех и просперитет без Бога во нашите животи. Има само темнина, тунел без крај, безводна пустина, распад и изгубени генерации. Зло до зло. А тоа не ни е целта и убеден сум, дека ниеден разумен нема да се противи и упорно постојано да бега од ветениот Божји пат за нас Македонците, како и за сите народи кои имаат намера да се покајат и вратат при Бога, како што тоа го стори Израилот. (Неемија 9-та глава)

Мојата искрена молитва е секој од нас да ја сфати пораката од пророкот Михеј и да ја живее “О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш праведно, да сакаш милосрдни дела и понизно да врвиш пред твојот Бог.“ Михеј 6:8

А Господ вели “...ова ...го заповедав: слушајте го Мојот глас, и Јас ќе бидам ваш Бог, а вие ќе бидете Мој народ, и одете по овој пат, по кој ќе ви заповедам, за да ви биде добро“ Еремија 7:23

Тогаш, почитувани мои, Господ ќе биде меѓу нас, тогаш Неговата мудрост и знаење од Библијата, ќе не води на вистинскиот пат, кон успех и благосостојба.
“Зашто само Јас ги знам замислите , што сум ги смислил за Вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да Ви дадам надеж и иднина“ Еремија 29:11


Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com