Почеток Контакт English   
 
 


Живот во изобилство – WM014

“...Јас дојдов за да имаат вечен живот и да имаат изобилие“ Јован 10:10

“Оти само јас ги знам замислите, што сум ги смислил за Вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж. Па ќе повикате по Мене, ќе дојдете и ќе Ме замолите, и јас ќе ве чујам, ќе Ме побарате, и ќе Ме најдете, ако Ме побарате од се срце“ Еремија 29:11-13

Често пати луѓето ме прашуваат која е суштината на верата. На вака општо прашање, многу е тешко да се даде едноставен и разбирлив одговор. Но, затоа тука е Библијата како вечен Божји збор, кој има одговори на сите наши непознати нешта во животот.

Имено, во Евреите 11:1 Господ ни го дал одговорот: “А верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа“.

А на што се надеваме, ние луѓето?

Нашата надеж е во правото на вечен живот, во победата над смртта. А што е вечен живот, драги мои?

“А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ Јован 17:3 Тоа спознание, почитувани, води до вечен живот.

И најчесто луѓето се во недоумица, за што всушност станува збор.

За нас Христијаните, смрта е своевиден премин од живот во живот вечен. Сигурно, совршените тела човечки не се од Господа создадени да ги јадат црви во земјата, да гнијат и да ги снема засекогаш. Ново растение, ново создание, не може да никне, додека семето засеано во земјата не се распадне. Тоа се случува и со нашите тела. Тоа што е распадливо ќе се распадне и додека тоа не се случи, нема раѓање на ново, совршено, вечно, духовно тело.

Но, дали нашата надеж е само во живот по смртта.

Се разбира не. Господ безброј пати во Библијата ни укажува дека Неговата намера, за тие што ќе поверуваат и ќе го предадат животот на Исуса Христа, на својот Господ и Спасител, е да имаат живот, и тоа живот во изобилие. Не само во материјална смисла, туку во се?. Најпрво во мирот и спокојството кое ни е ветено “Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ вели Господ во Евангелието според Матеј 11:28.

„Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот...“ Јован 14:27 Потоа, намерите на Господ се да имаме здравје, радост во животот, материјални благослови, во полнота како на Божји избраници, како на “...род избран, царско свештенство, свет народ...“. (1Петрово 2:9) “...народ Божји...“ (1Петрово 2:10).

Сите овие ветувања се дел од животите на бројни следбеници Христови.

Нам, Бог ни ветува, дека уште додека сме на земјата ќе имаме живот во изобилие, дека ќе имаме успех во се што ќе правиме, каде и да одиме (Исус Навин 1:7)

Се разбира, вака ветената благосостојба не е цел сама за себе. Таа доаѓа, преку силна и постојана вера и надеж во Исуса Христа, преку полнотата од Божјата љубов која извира од нас Христијаните, во секоја наша мисла, збор и постапка. Но, и преку постојана комуникација со Господа во молитва, продлабочена, со полна и неизмерна вера, надеж и љубов во и кон Бога, а со тоа и беспоговорна послушност кон поуките и пораките, кон опомените и предупредувањата од Словото Божјо, од живиот и вечен Божји збор - Библијата. Преку полнотата на животот во Исуса Христа, ние сме должни и да сведочиме за слава на Бога, дека тоа е токму така, како што ни е ветено во Библијата, и постојано “...докажување на она, што не се гледа“ (Евреите 11:1) на она кое сме го доживеале и го живееме под Божјата закрила и заштита.

Затоа почитувани мои, мојата молитва е секој од нас да се одлучи, конечно, да припаѓа на својот Создател, да одлучи да чекори по Божјиот пат, да биде послушен кон Божјите заповеди без отстапки и изговори, но и да биде постојано во комуникација со Господа преку молитвата, за да го заслужи Божјото присуство, а веќе знаеме, дека таму каде што е Божјото присуство (Матеј 18:20), таму злото (лукавиот - сатаната наречен ѓавол) не се допира (1 Јованово 5:18).

И нека денес, секое добронамерно срце, читајќи ги овие зборови на мудрост од Словото Божјо, се одлучи да му пристапи на Бога, нека се одлучи да го побара Божјото присуство во својот живот преку едноставната покајничка молитва, од страниците на Маран ата – Македонската христијанска евангелска мисија www.maranatha.mk :

Основна молитва

Господи Боже, Исусе Христе...
Од овој момент сум Твој,
го предавам моето срце на Тебе...
Влези во него и научи ме како да те спознаам целосно,
како да научам да верувам.
Ти превземи ги сите мои мисли и дела,
сите мои грижи и проблеми
и помогни ми да носам вистински одлуки во животот.
Сам тоа не можам да го направам, но само со тебе и под твое водство, Боже...
Покај ме за се што сум грешел досега и
дозволи ми да бидам Твој, а Ти да бидеш постојано во моето срце,
да ме водиш според Твојата Божја волја и промисла...
Сe Тебе ти препуштам Господи, во Дух и Вистина.

АМИН


Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com