Почеток Контакт English   
 
 


Македонија и перспективите од Библиски аспект – WM013

Честопати слушаме дека Македонија е Библиска земја, земја чие име e многупати спомнато во Библијата. Македонците, исто така. Ако ја извлечеме карактеристиката за Македонецот од Божјиот збор, ќе дојдеме до сознанието дека се работи за длабоко богобојазлив народ, за народ кој е подготвен да ја прими верата во Исуса Христа, но и за народ кој дарежливо се однесувал со апостолите:

„Браќа, ве известиваме за благодатта Божја дадена на црквите македонски, дека при поднесувањето на многу маки нивната радост беше изобилна; и при својата голема сиромаштија покажаа големо богатство на својата добродушност, зашто според можностите нивни, јас сум сведок, а и преку нив, тие даваа доброволно; нe молеа необично многу, да го примиме нивниот дар и учеството во прислужувањето на светиите; и тоа не како што се надевавме, туку тие најнапред самите себе Му се предадоа на Господа, а потоа и на нас по воljата Божја.“ 1 Коринтјаните 8:1-5;

Фактите говорат дека сме народ кој меѓу првите го примил Исус Христос за свој Господ и Спасител. Таков e случајот so Македонката Лидија од Филипи (денешна Кавала – Грција), на која Господ и го отворил срцето помеѓу 5.000 присутни:

„И така, откако отпловивме од Tроада, стигнавме право во Самотраки, а на вториот ден - во Неапол, а оттаму во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија. Во тој град престојувавме неколку дена. А во саботата излеговме надвор од градот при една река, каде што имаа обичај да се молат., и кога седнавме им зборувавме на собраните жени. И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ и го отвори срцето да внимава на она што зборуваше Павле. А кога се покрсти таа и нејзините домашни, не замоли и рече: ‘Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!’ и не принуди.“ Дела апостолски 16:11-15

И да не ги набројуваме примерите со придружниците на Апостол Павле, македонци, во случајот кога го спасиле од гневните и агресивни Грци, при проповедањето против киповите односно идолските жртви и ликови извајани во гипс, дрво, бронза или слично.

А видението на Апостол Павле со Македонецот кој му се јавил на сон и го повикал да дојде во Македонија и да ни помогне, претставува длабоко значаен момент од историјата на Македонија и Македонецот:

„Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ‘Премини во Македонија и помогни ни!‘ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејки разбравме дека Господ не пoвикал таму да го проповедаме евангелието.“ Дела 16:9-10

Значаен од многу аспекти и со далекусежни последици. Внимавајте, Господ ги повикал апостолите да дојдат во Македонија и да го проповедаат Евангелието.

Ако Господ во Божјиот збор направил јасна и прецизна разлика во карактерните особини на Македонците и Грците, ако Господ јасно ја дефинирал Грција, посебно од Македонија, и како територија односно географска целина, и како посебен ентитет, тогаш зошто денес ни се случуваат нејасни работи, оспорувања на нашето државно име, оспорување на националниот идентитет, иако историчарите велат дека нациите се оформиле како такви дури на крајот на 18-тиот односно 19-тиот век, а Библијата – Божјиот збор ги прецизира народите по име. Зошто некој би ни го присвојувал или оспорувал јазикот, кој го зборувале нашите предци од памтивек па до денес, со мали дијалектички дотерувања, под вакво или некакво влијание од поробувачите низ историјата на овие простори. Зошто сево ова?

Дали сме се запрашале зoшто, со нашето постоење , толку им пречиме на некои од соседите? И дали навистина се работи за тоа? Или причината, односно коренот, ако сакате, е многу подлабок од ваквото површно, човечко разбирање на настаните и односите.

Ако гледаме со нашата човечка мудрост, со наши, човечки очи, одговорот може да биде нејасен. Причините ќе ги побараме најпрво кај другите, при штo ќе ги обвиниме дека тие се виновни поради хегемонистички причини, поради желби за владеење и доминација над територии, народи и преодни богатства или, модерно речено, желби за облици на колонијализам, нео-колонијализам или не знам уште што. Во ниеден случај, доминантно, кај народот или кај политичките елити нема да се постави прашањето за вината кај нас самите, дали евентуално ние нешто сме погрешиле, сме тргнале на погрешен пат, или ние сме безгрешни, безмалку совршени, а сите останати не? сакаат токму поради нашата совршеност!

Почитувани, би сакал да се задлабочиме во Библиските вистини и да го побараме одговорот, најпрво кај нас самите, а потоа надвор од нас.

Ако во Библијата Бог ни порачува: “Сакај го Бога со сето свое срце, со сиот свој разум, сила и тело, и сакај го ближниот како што се сакаш себе си“ Матеј 22:37-39, да се запрашаме сите заедно, дали сме му послушни на Бога.

Ако си одговорите со “да“, тогаш да се запрашаме, што тоа всушност значи да сме му послушни на Бога?

“Бидејќи љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови. А Неговите заповеди не се тешки“ Прво Јованово послание 5:3

Или, кога Бог ни порачува “Бидете единствени“ Римјаните 15:5, “...не се јадете помеѓу себе, за да не се изедете“ Галатјаните 5:15 или “...Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа;“ Лука 11:17, тогаш да се запрашаме дали навистина сме единствени како народ, како семејства, домови.

Ако Бог ни порачува “Не лажи...“, “...ако си излажал исто како да си убил“, да се запрашаме дали не сме потпаднале под категоријата “лажци“ за кои нема место во царството небеско...„Блажени се оние, што ги исполнуваат заповедите негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор се кучињата, вражачите, блуdниците, убијците, идолопоклониците и секој што сака да лаже и лаже.“ Откровение 22:15 Ако Бог ни вели – “не прељубодејствувај“, да се запрашаме дали нашиот карактер е доволно цврст за да се одолее на искушението на смртниот грев – прељуба, и не само на прељубата, туку и на самата помисла на друг (маж или жена) со похот, е рамно на прељуба (Матеј 5:28), а со тоа и на смрт. Дали нашата, македонска реалност е послушна на Бога и на пораките од Божјиот збор. Или, лесно си наоѓаме вакви или поинакви изговори, за да се оправдаме за гревовни, вакви или поинакви активности.

И така можеме да набројуваме уште безброј ситуации, примери, пораки и поуки од Библијата, на кој Македонецот треба да си даде одговор, секој сам, пред спиење, преку разговор во фамилијата, преку контакт со црквите и свештенството од било која христијанска деноминација во Македонија.

Бог ни вели во Матеј 5:37 “Но зборот Ваш да биде: да, да, - не, не, а се што е повеќе од тоа, од лукавиот (ѓаволот) е“. Ова е сериозно предупредување, на кое не смееме да останеме рамнодушни.

Зошто? Затоа што, еднаш, мораме да го прекинеме проклетството на генерациите кое не следи со векови, проклетство кое се огледа и во фактот што меѓу последните модерни нации формираме држава со сите елементи на држава, која се уште е оспорувана и шиканирана од вакви или поинакви интереси, од внатре или од надвор.

Конечно, мојот народ треба да одлучи да го побара излезот - во Бога и во Библијата. Одговорот, мили мои, е токму тука. И на ниедно друго место. Ниту во Брисел, ниту во Обединетите нации, ниту во НАТО, ниту во не знам какви меѓународни фактори, сфери на влијанија и не знам уште што.

Одговорот е во Библијата. Во неа Господ ни порачува: “Само биди многу цврст и храбар, и грижливо пази го и извршувај го се она што ти го заповеда слугата мој Мојсеј; не се отстранувај од сето тоа ни надесно ни налево, туку постапувај разумно во се што ќе преземаш. Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа и дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш се она, што е запишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во патиштата твои и умно ќе постапуваш. Еве, ова ти заповедам јас: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај; зашто Господ твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш.“ (Исус Навин 1:7-9)

Да, драги мои Македонци. Успехот и просперитетот имаат единствено решение во Божјото присуство. А таму, каде што е Божјото присуство, таму злото не се допира. И уште, ако го послушаме Бога, кога не поучува “…доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите“ Римјаните 12:18, тогаш што друго ни останува, освен длабоко да се замислиме над нашето секојдневие и над нашата иднина. Има ли nадеж, мојот народ да го доживее просперитетот на најмоќните нации, кои се моќни ,не заради бројноста и големината, туку заради тоа што навреме му се посветиле на Бога, навреме донеле одлука да го примат Исус Христос за свој Господ и Спасител, навреме се покајале и се посветиле да бидат послушни на Господа, преку исполнување на неговите заповеди, целосно, постојано и бескомпромисно, сега и за секое поколение (види Книга на пророк Јона 3 глава).

Време е и мојот народ да се покае. Време е мојот народ да се сврти целосно и бескомпромисно кон Бога. Време е заедно, единствени, да му ја одземеме власта на ѓаволот на овие простори. Време е да го побараме Божјото присуство во Македонија, и да ги принудиме “поднебесните сили на злото“ да исчезнат од овие простори.

“Понекогаш, велам Јас (Бог) за некој народ и царство, дека ќе го искоренам, дека ќе го згазам и погубам; но ако тој народ, врз кого сум го изрекол тоа се поврати од лошите свои дела, Јас го одлагам злото, што сум намислил да го направам. А понекогаш велам за некој народ и некое царство дека ќе ги подигнам и ќе ги зацврстам; но, ако тој народ врши зло пред очите Мои и не го слуша гласот мој, ќе го одменам доброто, со кое сум намислил да го дарувам„ Книга на пророк Еремија 18:7-10

Верувајте, нема друга вистина. Нема друг излез. Не постои таква политичка елита, којa без Бога во мислите, зборовите и постапките, при водењетo на модерна, современа политика, успеала, на долг рок, да донесе благослов за својот народ. Tаков просперитет, каков што само Божјото присуство може да го обезбеди. Toa важи за било кoјa држава и политичка елита на земјината топка.

Затоа, почитувани мои, секој од нас да донесе одлука во својот живот, одлука за покајание, одлука за да се побара Господ и Божјото присуство во нашите животи, во нашите семејства, во нашите домови, во нашата држава. И да започнеме да го слушаме Бога, беспоговорно и да ги исполнуваме Неговите заповеди, кои не се тешки.

Секој одговорен политички чинител во оваа држава, мора да одлучи да го побара Бога и да ги послуша неговите заповеди. Божјите принципи за правда и правичност да ги вгради во сите свои визии и политики. Нека секој , кој има намера да биде во политиката, се задлабочи во Библиските вистини, нека ги проучува Книгите на царствата, кои ќе научат секого, што е столбот на владеење какво што Бог посакува. И нека сфатат дека без Бога во животот, нема успех, нема просперитет и напредок, има само неуспех, пропаѓање. Библијата е полна со такви примери. Потребно е да се задлабочиме, да ги проучуваме и постојано да влечеме поуки од нив.

Нека секој од нас, само за момент, размисли околу можниов излез од вековните неуспеси на Македонецот, од постојаната борба за докажување, за самоопределување, а всушност Бог не определил од дамнина, не запишал во Божјиот збор, а што друго повеќе ни е потребно? Да бегаме ли уште од него? Да го игнорираме ли единствениот пат, вистина и живот, нашиот Господ и Спасител Исус Христос, чија што милост не внела во Библијата и со право се нарекуваме Библиски народ, Библиска Македонија? До кога, почитувани мои?

Ако одговорот го дадеме сега, “ќе го очисти Господ срцето твое и срцето на потомството твое, за да го сакаш Господа, твојот Бог, од се срце и со сета душа твоја, и да живееш; тогаш Господ, твојот Бог, ќе ги префрли сите клетви на непријателите твои и на оние, што те мразеа и те гонеа; а ти ќе се обратиш и ќе го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, и ќе ги исполнуваш сите заповеди негови, што ти ги заповедам денес; и ќе те благослови Господ, твојот Бог, во секоја работа на рацете твои, во плодот на утробата твоја, во плодот на добитокот твој, во житата на земјата твоја; зашто Господ, твојот Бог, ќе се сврти кон тебе и ќе ти се радува повторно на тебе, правејќи ти добро, како што се радуваше на татковците твои, само ако го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, и ги извршуваш сите заповеди и наредби Негови и повелби Негови, напишани во книгата на овој закон, и ако се свртиш кон Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета душа своја. Зашто оваа заповед, што денес ти ја давам, не е тешка за тебе, ниту далеку од тебе“ Петта книга Мојсеева 30:6-11


Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com