Почеток Контакт English   
 
 


Нова година – нови почетоци – надеж да дојдеме до мир, спокојство и просперитет со единствениот пат, надеж и живот – Исус Христос – WM010

Како што завршува годината, секој од нас, почитувани, размислува за тоа што оставил зад себе. Какви беа нашите мисли, зборови и дела во 2006, дали сме задоволни од животот воопшто, што добро, а што лошо ни се случи во годината која изминува?

Ова се круцијални прашања, кој секој еден од нас треба да си ги поставува почесто. Зошто?

Дали сте размислиле воопшто, дека постојната состојба, достигнувања и успеси се само едно скалило, постигнато во Вашиот живот? Дали сте помислиле дека тоа не е Вашиот краен домет? Дали помислувате на можноста од постоење на нов хоризонт, над лимитот кој сте го достигнале?

Се разбира дека, оваа фаза од Вашето постоење и живот не е врвот за кој сте создадени. Господ не создаде совршени, не за да се мачиме и страдаме на овој свет, туку за да дојдеме до спознанието кое води до вечен живот, преку живот посветен на Бога, на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, преку покајание и во молитва обраќање кон Бога за да не помири и прими како нановородени, чисти и испрани од нашата телесна, гревовна природа преку верата и посветеноста на Божјиот збор - Библијата.

“...Тој (Исус Христос), Кој според силата што во нас дејствува (Светиот дух), може да изврши изобилно, се што бараме или помислиме...“ Ефесјаните 3:16-21

Токму така почитувани мои, Исус е тој кој што единствено може да изврши изобилно се, што сакаме да побараме или помислиме.

Исус не уверува “И јас ви велам: сакајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што сака – добива, и кој бара – наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори“ Лука 11:9,10

Или, ако сакате “каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас“ Евангелие по Матеј 18:20 А каде што е Господ или Божјото присуство таму злото не се допира.

Истовремено, Исус не советува, “...барајте го најпрво Царството небеско, а се друго ќе ви се придодаде“ Лука 12:31 И “...Кога би имале вера колку синапово зрно и, и речете на оваа црница: откорни се и пресади се в море, таа би ве послушала“ Лука 17:6

Било да се работи за здравје, среќа и радост, кои милуваме да си ги посакаме на дочекот на новата година, било материјални благослови, мир и спокојство, во основа, сe се сведува на еден единствен заеднички именител, а тоа е нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Без него во нашите животи, во нашите мисли, зборови и дела секојдневно, ние сме никој и ништо. Нашата човечка мудрост ќе не води од ѕид во ѕид. Преку времени успеси, секојдневие исполнето со нервоза, бесплодно трчање по пари и богатства, по световни достигнувања, амбиции исполнети со суетата на нашиот несовршен ум, ние само, си го губиме времето во нашите животи. Пред очи ни минува животот. Неосознаени, несигурни, бесцелно трошејќи ги дните од Бога подарени, бесплодно губејќи енергија на неважни и моментални цели, ние сме далеку од Бога, потпаднати под власта на ѓаволот и демонските сили на темнината, а за таа состојба најчесто не сме ни свесни.

А да се запрашаме, од каде сиве овие зла на овој свет? Од каде војните, убиствата, лагата, прељубата, домашните расправии, криминалот, крадењето, дрога, пијанства и што ли уште не? Сигурно не од нашиот Создател. Зарем Вие тоа би им го посакале на своите деца. Зарем тоа е патот, по кој слепо чекориме, без да се свртиме зад себе и без да погледнеме во сопственото огледало и да се запрашаме, каде не води нашата животна рутина, нашето секојдневие.

Да почитувани мои, новата година е идеално време да се свртиме кон себе и кон нашите најблиски. Да се замислиме над моментот на нашето постоење. И да заклучиме: Дали ни е потребна промена или добро ни е вака? Дали сме подготвени да го прифатиме предизвикот на промената кон подобро?
Или, по линија на помал отпор ќе си седиме со скрстени раце и ќе гледаме како животот ни поминува бесцелно, исполнет со страв, неизвесност, несигурност и бегање од вистината, бегање од патот и животот – нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

Многумина ќе се запрашаат: Еве јас сакам да му припаѓам на Бога, но како да започнам, што да превземам со себе, со моите најблиски? Како да го направам пресвртот во мојот живот.

Библиската вистина претставува идеално Упатство за ракување на човекот. Како и сите посовршени апарати и опрема, така и човекот создаден од Бога не е без Упатство за ракување. Ако се решиме да го следиме Упатството – Библијата, тогаш сме го направиле првиот вистински чекор. Секојдневното читање на Библијата ќе не изведе на вистинскиот пат во нашите животи. Всушност, преку неа Господ ни се обраќа директно нам, ни зборува лично нам, не советува, не поучува милостиво, најдобронамерно, со љубов и милост каква што нам ни е непоимливо со нашиот ограничен човечки ум.

Читајќи ќе почнеме да го разбираме односот кој ни е нужен за да воспоставиме линк со Божјото присуство. Преку читање на Псалмите или молитвените песни, ние всушност го запознаваме начинот на кој треба да започнеме со секојдневни и постојани молитви упатени кон Господа. Со едноставни зборови кои ни лежат во нашите срца, најискрено и отворено, преку молитвата ние му се обраќаме директно на нашиот Создател. Тој всушност ни зборува, во основа, преку Библијата – живиот Божји збор, а ние нему преку молитвата воспоставуваме директен однос, комуникација. Тој, кој не се обидел да ја почувствува чудесната и вистинита моќ на молитвата, никогаш нема да дознае за силата Божја и за постоењето на Божјото присуство на дофат. Затоа, потребна е цврста решеност, воља за промена, желба за одење напред кон повисоки цели во нашите животи. Во Вашата тајна соба, во четирите зида, одлучете да му се обратите на Бога, така како што чувствувате, со понизност и покајание, со љубов кон Бога со сето Ваше срце, тело, сила и разум, какви што ги бара нашиот Спасител. Лука 10:27 “Сакај го Бога со сето твое срце, тело, сила и разум....“

Поради фактот, што не живееме изолирано во овој свет, Бог во Библијата ни дава Упатство како да ги изградиме релациите и односите со луѓето околу нас, со блиски но и подалечни познати. Читајќи ги Соломоновите изреки, ние дознаваме каков треба да биде всушност нашиот живот. Исполнет со љубов, разбирање и почит, но љубов каква што Господ ни заповеда – агапе, вистинска Божја љубов “...и сакај го ближниот како што се сакаш себе си...а кој го замразил своето тело“...Во вториов дел од најголемата заповед за човештвото, лежи вистинскиот начин за однесување со луѓето околу нас, во секојдневието, во животот воопшто.

Ова е основата од каде да се започне. “Ако ме барате со сето свое срце, тело, душа и разум....ќе ме најдете„ - вели Господ.

За почеток, Мисијата Маран ата, за нашето заедничко духовно патување сака да Ви ја понуди Основната молитва од Интернет страницата www.maranatha.mkодносно:

Господи Боже, Исусе Христе...
Од овој момент сум Твој,
го предавам моето срце на Тебе...
Влези во него и научи ме како да те спознаам целосно,
како да научам да верувам.
Ти превземи ги сите мои мисли и дела,
сите мои грижи и проблеми
и помогни ми да носам вистински одлуки во животот.
Сам тоа не можам да го направам, но само со тебе и под твое водство, Боже...
Покај ме за се што сум грешел досега и
дозволи ми да бидам Твој, а Ти да бидеш постојано во моето срце,
да ме водиш според Твојата Божја волја и промисла...
Сe Тебе ти препуштам Господи, во Дух и Вистина.
АМИН

Преку оваа молитва за покајание, ние всушност го трасираме вистинскиот пат, живот и вистина, за нас, но и за нашите најблиски. Преку воспоставување на жива релација со Господа, ние се позиционираме на цврста основа, основа исполнета со сигурност, извесност, надеж, иднина.

Ако се одлучиме за овој пат на промена, тогаш сме ја донеле најважната и најдалекусежна одлука во нашите животи.

„Денес ви давам избор. Можете да изберете живот и успех или смрт и трагедија. Ви заповедам да му бидете верни на Господ Бог, да живеете онака како што ви рекол и да им бидете послушни на неговите закони и учења..... Ако сте му послушни, ќе станете успешни и моќни.
Од друга страна, би можеле да изберете да не го послушате Господа и да го отфрлите. Затоа ве предупредувам дека ако се поклонувате и им служите не други богови, нема да живеете уште долго. Во овој момент ги повикувам небото и земјата да бидат сведоци дека ви го нудам овој избор. Дали ќе одберете Бог да ве направи просперитетни и да ви даде долг живот? Или ке ве стави под клетва и ќе ве убие? Одберете живот. Бидете му потполно верни на Господ вашиот Бог, сакајте го и правете што и да ви каже да направите. Господ е единствениот што може да даде живот, и ќе ви даде да живеете долго...” 5 Мојсеева 30:15-20

Сакам уште еднаш да Ве охрабрам, ако не се обидете да изберете, нема да дознаете. Затоа, бидете храбри, цврсти и непоколебливи на патот кон Господа, кон Божјото присуство во Вашите животи. Тоа ни го порачува и Господ директно, во Книга на Исус Навин 1:1-7 “ Бидете храбри, бидете силни...“во Вашата одлука да започнете нов живот, живот исполнет со Божјото присуство.

Ве поканувам, заедно да чекориме во тој нов живот, кон успех и просперитет каков што досега не сте ни помислиле дека е можен. Кон благослови и благосостојба какви што не може ни да очекува нашиов човечки ум, кон извесна перспектива, исполнета со мир и спокојство во нашите души. Преку чиста и непорочна вера во него, преку мисла, збор и постапки за сведоштво и за слава на Бога Отецот и наш Господ и Спасител Исус Христос, а преку ветеното присуство на Светиот дух во нашите животи, да живееме навистина успешен и просперитетен живот, како никогаш досега


Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com