Почеток Контакт English   
 
 


Вистинскиот пост пред Бога – достојно живеење – WM009

Во последните години поимот постење на запад добива нова актуелност, а со тоа и ново значење. Тој поим сe повеќе го употребуваат лекарите, стручњаците за исхрана, психолозите, а и многу други лица го користат овој поим во својата приватност. Сите тие зборуваат за неопходноста од постењето и промисленото исхранување. Кај мнозина вниманието за тоа, што јадат, колку калории примаат со исхраната им е на прво место, и така, тоа често преминува во болест или пак култ. Едно 14 годишно дете вели: „Ако се слушне во нашиот дом силен врисок, никој не треба да се плаши. Мајка ми е на вагата.“ Понатаму за својата мајка вели: „Таа не може да очекува и во напредната возраст да изгледа како топ-модел. Веќе има 34 год.“ Тоа се делови поврзани со поимот постење на почетокот од третото илјадолетие.

• Но, што всушност значи постењето?

Постење значи одречување од работи кои ти се мили и можеш да си ги допуштиш, по своја волја. Не за да оставиш некој впечаток кај другите, не за да го свртиш вниманието на другите кон тебе, не за да те жалат, туку да ја преиспиташ, односно потврдиш твојата слобода. Многу важно е да се преиспиташ, дали владееш со нештата околу себе или самиот си завладеан од нив, дали си слободен или, пак, си слуга на навиките, дали го контролираш својот живот! А тоа можеш да го провериш преку намерно откажување од она што најмногу предизвикува кај тебе интерес и те привлекува, она што те поттикнува и ги исполнува твоите мисли. Тоа е тест за твојата лична слобода, одредувајќи си време на откажување во седмицата, месецот или годината.

Постењето во времето пред доаѓањето на Исус Христос било поврзано со Бога. Луѓето се откажувале од работи кои им биле мили, поради тага за вината на народот и разделувањето од Бога. Тие, што постеле тогаш ја барале близината Божја, молитвата и средбата со Него. Постењето се поврзувало со многу маки и грижи (прочитај од Библијата книга на пророк Јона 3:5–9).
Некои од нив се труделе да направат повеќе отколку што било потребно. Опасноста во тоа била, поклонувањето пред Бога да се смета за духовен придонес (спор. во Библијата Нов Завет, Евангелие според Матеј 6:16). И на крајот, од сето тоа останува само законска, безрадосна, малку охрабрувачка вера.

Секогаш одново Исус Хростос ја преиспитуваше оваа пракса. Целиот Негов живот беше откажување. Не беше ограничен само со неколку денови или седмици во годината. Но, од послушност кон Својот небесен Татко дојде до израз Неговата слобода, која го одведе кон целосна преданост, оставање на небесното, предавање на Себе си во рацете на грешниците.

Постење значи свесно да се откажеш од нешто што ти е најнеопходно (освен од Исус Христос) – тоа не треба да се прави намуртено или присилено, туку како потврдување на слободата. Не постои слобода без откажување.

– Христијаните треба да живеат поразлично од другите затоа што не живеат само за себе, туку за Христос. (спор. Послание до Галатјаните 2:20).
– Христијаните треба да живеат поразлично од другите затоа што следењето на Исус секогаш се одразува во начинот на живеење (зборови и дела).
– Христијаните треба да живеат поразлично од другите затоа што знаат дека се гости и странци на оваа земја.
– Христијани треба да живеат поразлично од другите затоа што Христос ги ослободи и секој ден одново ги ослободува од притисокот на желбата да се има и да се задржи повеќе. Апостол Павле, воден од Божјиот Дух, вели: „Сe ми е позволено, но не е сe полезно; сe ми е позволено, но ништо не сакам да завладее над мене“ 1 Послание до Коринтјаните 6:12.

–Вистинскиот пост треба да се одрази во начинот на живеење: барање на заедништво со Бога во молитва (отворено разговарање со Него од срце), отстранување од секаков вид на зло, подржување на доброто, помагање на другите со искрена љубов.

Драг читателу, ова е најважно, кога се работи за вистинскиот пост, Бог те советува како да постапуваш велејќи: „Таков ли е постот, што Јас го определив: човек да ја изнемоштува душата своја во денот кога ја наведнува главата како трска и под себе постила вреќиште и пепел? Тоа ли ќе го наречеш пост и ден угоден на Господа? Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; раздели го лебот свој со гладните, скитниците и сиромасите одведи ги во домот свој; ако видиш гол, - облечи го, и од еднокрвниот не се криј“ (Исаија 58:5–7). Постењето, кое на прво место Бог го бара од тебе е, да се одречеш од она што обично го правиш и е неразделно од тебе – ГРЕВОТ; а потоа, вели Бог: „Тогаш твојата светлина ќе се јави како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува“ (Исаија 58:8).

Ако постапуваш така Бог ќе те благослови. Ако го читаш Негово Свето Писмо (Библијата), Тој ќе те научи, како треба да живееш и да се однесувш во овој свет, како навистина можеш да бидеш корисен за Негово прославување, но и за околината во која живееш.

Марјан Димов

Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com