Почеток Контакт English   
 
 


Борбата на христијаните – WM007

Почитувани пријатели,

Откако во минатото издание на неделната порака односно електронските вести на Маран-ата, се запознавме со објективноста од постоењето и делувањето на ѓаволот и демонските сили нему лојални, ни останува да размислиме малку подлабоко за начините и можностите за одбрана од нивното влијание врз нас самите односно врз нашите животи и животите на нашите блиски.

Што треба да превземе еден посветен христијанин за да се заштити од злото, за злото да не се допира до него? Како да се соочи верен христијанин со смртта, со болестите, со немирот, со неуспехот, со гладот, со сиромаштијата, со омразата, со измамата, со последиците од војна, со лични и семејни катастрофи и проклетства од секаков вид? Дали има начин за справување со сите овие зла, кои ќе се сложиме заедно пустошат на овој свет со се поголем интензитет?

Ако се обидеме да размислуваме човечки или само со нашите земни и телесни сфаќања за животот, со нашата земна и световна мудрост и знаењата од образовниот систем, од воспитувањето од родителите или од нашите животни искуства, сигурно одговорот нема да биде задоволителен.

Почитувани, милиони посветени христијани во светот денес, а и низ историјата, сведочат за огромната моќ, сила, мудрост и знаење кои потекнуваат од еден друг извор. Извор достапен секому од нас, на дофат на нашите раце и денес, и сега во овој момент. Извор кој е непресушен, кој тече како жива вода и ги напојува сите оние кои поверувале дека Исус е Христос, Син на живиот Бог, Господ и Спасител, отелотворение на самиот Бог. Тој извор е токму Неговиот збор – Библијата. Господ преку неа ни зборува и за коренот на сите погоре споменати зла на овој свет. Преку присуството на Светиот Дух или манифестацијата на живиот Бог, ни отвора нови хоризонти на разбирање и свесност за функционирањето на овој свет, како борба на силите на доброто и силите на злото олицетворени во ѓаволот наречен Сатана и неговите демони, одметнатите од Господа, ангели на темнината.

Следејќи ја линијата на пораките од Божјиот збор, драги мои, нашата борба како Христијани, не е против крвта и плотта, не e против луѓето од крв и месо, туку против поднебесните сили на злото кои што владеат со овој свет, како и со властите и началствата на темнината, во овој свет. (Послание до Ефесјаните 6:12)

Како можеме да се избориме со сето зло на овој свет и околу нас? Сами, сигурно не ќе можеме да се бориме.

Само и единствено со моќното оружје – Божјиот збор. Библијата ни порачува: “Бидете силни во Господа и во неговата моќна сила. Наоружајте се со оружјето на Господа, така што ќе можете да застанете цврсто против шемите на ѓаволот“ Ефесјаните 6:10-12

Како изгледа тоа, практично во нашето секојдневие?

Ако некој е под власта на ѓаволот преку дрогата, преку пијанството, прељубата, ако некој убива, краде, измамува, и животот му станува сe повеќе пеколен, исполнет со омраза, со немир, со зло, со личен неуспех, тој е влезен во кругот на силите на злото. Тој круг вртоглаво се зголемува, сам по себе. Од едно влегува во друго зло. А човекот е како со превез преку очите. Ниту може да види, ниту може да слушне, било каков глас од кругот на доброто. Затоа што, тој глас му изгледа далечен, недостижен, едноставно нереален. Така затворен во својот круг на злото и себеуништувањето, се наоѓа во ситуација на безизлез. Но, само наизглед, драги мои.

Излез има и тоа уште како ветувачки. Само ако се сака, ако се има силна воља за пресврт, за промена на правецот на живеење, кон живот исполнет со перспектива, кон смислата на постоењето, кон просперитетот кој ни го вети Господ. Ако се наоружаме со моќното оружје – Божјиот збор, Библијата и поуките и мудростите кои извираат од неа како жива вода, тогаш сме на вистинскиот пат: “Здобивај се со мудрост, придобивај разум; не заборавај го тоа и не се отстранувај од зборовите на устата моја... Ти го покажувам патот на мудроста, те водам по прави патеки“ Изреки Соломонови 4:5,11

“Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управувани кон праведното. Провери ја патеката со нозете свои, и сите твои патишта нека бидат прави. Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата од злото, зашто десните патишта Господ ги надгледува, а левите се расипани. Тој (Господ м.з.) ќе ги направи твоите патишта прави, и твоето одење ќе го уреди во мир“ Изреки 4:25-29

Ова е излезот од секое зло. Нема срам во тоа да се признае пред самиот себе си за тоа дека некој потпаднал под власта на ѓаволот. Нема причина човек да живее под такво бреме на себеобвинување и дефетизам кон можниот излез од ситуацијата во која е западнат, па дури и ако се работи за најтешките облици на злото. А тоа е првиот чекор кој води кон покајанието. Покајание кое преку верата во единствениот Господ и Спасител Исус Христос и Неговата света крв која чисти од секаков грев и која е пролеана на крстот Голготски, за да нe помири нас грешните со Бога, за да нe врати на вистинскиот пат, патот на послушност кон Господа, кон вистината од Неговиот збор – Библијата. Преку покајанието и прифаќањето на верата во Исуса Христа, сите имаме подеднаква шанса за помирување со Бога, шанса да ни бидат простени гревовите и преку спознанието на вистината да дојдеме до вечниот живот.

Затоа, бидете бодри во духот и силни во желбата за излез од кругот на злото, од секојдневието исполнето со немир, страв, навидум безизлез од ситуацијата во која сме западнати. Наоружајте се со оружјето кое ни е на располагање, со моќното оружје од Бога – Библијата и пораките и мудростите од неа.

Затоа и Господ ни порачува, преку Библијата: “..Послушајте ме: Блажени се оние што ги пазат моите патишта! Послушајте ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа. Блажен е оној човек кој ме слуша... Зашто кој ме нашол мене, нашол живот; и ќе добие благодат од Господа; а кој греши против мене, нанесува штета на душата своја: сите што ме мразат мене, ја сакаат смртта“ Изреки Соломонови 8:32-36

Нека овие зборови на надеж, но и предупредување од Господа, нe доведат на патот на вистината, пат на праведност и чесност, пат исполнет со извесност и иднина, надеж и живот. Пат на кој злото нема да може да се допира до нас. Преку посветената вера во Исуса Христа, да се одржиме на тој пат, далеку од ѓаволските примки на злото, а под силна заштита и водство од Бога, преку Светиот Дух. Амин.

 

 

Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com