Почеток Контакт English   
 
 


За љубовтa – WM005

Драги пријатели,

Замислете ситуација во која Господ Ви се јавува директно со прашањето: Дали ме сакаш? Вие се разбира веднаш би одговориле, Да Господи, те сакам. Но, што ако уште еднаш Ви се повтори истото прашање: Дали навистина ме сакаш? Што тогаш? Дали Господ би се посомневал во искреноста на нашата љубов кон него? Или...

Токму ваква ситуација му се случи на апостол Петар. Господ Исус, го праша директно: “Симоне, син на Јован, дали навистина ме сакаш, повеќе од се? Тој рече, Да Господи, ти знаеш дека те сакам.......Повторно, Исус му рече:Симоне, син Јованов, дали навистина ме сакаш? Тој одговори: Да Господи, ти знаеш дека те сакам.......Трет пат Исус му рече: Симоне, син Јованов, дали навистина ме сакаш? Петар се почувствува нелагодно, бидејќи Исус го прашува истото по трет пат....:Господи, ти знаеш се, знаеш и дека те сакам...“ Јован 21:15-17

Како би се почувствувале, кога Господ и Вам би Ви го поставил истото прашање, и тоа три пати. Нелагодно? Или ќе се запрашате, за што всушност станува збор?

Во случајот на Апостол Петар, Господ виде несигурност во неговото срце. Исус добро знаеше дека Петар при првата потешкотија ќе го предаде Исус, на начин што ќе се одрече од него, за да го зачува својот живот. Исус знаеше, дека љубовта на Петар не е совршена, не таква каква што ја бара од нас, нашиот Господ, во Коринтјаните 13-та глава. Минатата неделна порака, Маран ата ја обработи темата за љубовта, каква Исус ја бара од нас, и за него и за нашите блиски. Таа е љубовта која покрива многу гревови, таа е љубовта која го заслужува Божјото присуство во нашите животи.

Дали ти ја имаш таа љубов кон Бога и кон твоите најблиски? Дали си ја исполнил заповетта од Бога, да го сакаш него од сето свое срце, тело, душа и сила, и да го сакаш ближниот како што се сакаш себеси.

Но, Исус оди чекор понатаму. Не поучува: Сакај го и својот непријател. “Ако ги сакаш само оние кои те сакаат, каква е добивката за тебе? Дури и грешниците ги сакаат само оние од кои се сакани. И ако им правиш добро, само на оние кои тебе ти прават добро, каква е користа за тебе? Дури и грешниците го прават истото.....Но, сакај ги твоите непријатели и прави им добро.....Тогаш твојата награда ќе биде голема, и тогаш ќе станете синови Божји...“ Лука 6:32-35

Тешко е ова, почитувани мои. Но, само навидум. Во денешниов свет во кој живееме, кога неправдата е на секој чекор, кога измамата е опстанок за живот на многумина, кога власта на ѓаволот наречен Сатана е во замаф, тешко е дури и да се замисли животот исполнет со љубов, каква што Бог ни заповеда да ја чувствуваме и практикуваме. А Исус не поучува, моето бреме не е тешко.

Ако се задлабочиме во овие Библиски вистини, ако ги размислуваме со очите на Господа, навистина бремето и не е всушност бреме. Потребно е само, мисловно да се реорганизираме и карактерно да се позиционираме на Божјите патеки, да се промениме себеси, да започнеме да градиме кај себе Божји карактер, со љубовта во нас како централна карактерна особина.

И тоа не утре, туку веднаш, драги мои пријатели. Дните се лукави, како што вели Словото, времињата се последни.

Пророштвата за последното време се застрашувачки. Власта која му е дадена на ѓаволот, заради нашата непослушност кон Бога и упорното одбивање да се повиниме на неговите заповеди, на Библиските принципи и вредности, ќе носи се повеќе зло на овој свет, се повеќе страдање, се повеќе уништување и смрт.
Словото вели: “Љубовта ќе олади“ Матеј 24;12, “Брат ќе предаде брата на смрт, и татко своето дете. Децата ќе бунтуваат против родителите и ќе ги носат во смрт...“ Марко 13:12

Погледнете ги само црните рубрики во последниве месеци во Македонија, а и пошироко во светот. Насекаде е исто, злото зема замаф. Дрога, пијанства, убиства, немир, несигурност, војни, болести е секојдневието на современиот свет. А каде е љубовта во сево ова. Кога би го послушале Бога беспоговорно и без сомневање, дали светот денес би бил поинаков? Се разбира да, но Господ вели: “Моите зборови нема да преминат“, а тоа значи пророштвата ќе се остварат. Љубовта навистина ќе се лади се повеќе и повеќе, до крајот на светот. Надешта може да се најде само во покајание и вера во Исуса Христа, преку кого нашето помирување со Бога ќе ни даде нова перспектива на нашите животи.

Затоа драги мои, време е секој од нас, длабоко да се замисли за себе, каде е во моментов, колку е блиску или далеку од прекрасната можност да се биде со Бога и да се живее под негова заштита и благодат. Секој од нас, да се види себе си во нова светлина, да погледне околу себе со очите од кои и Божјиот збор ни стана достапен и конечно да одлучиме да направиме промена, промена која ќе ни донесе нова перспектива во нашите животи, промена која ќе ни отвори нови хоризонти и визија за нашата иднина.

“И ова е вољата Господова, дека секој кој го види синот (Исуса Христа м.з.) и поверува во него, ќе има живот вечен и јас ќе го воскреснам во последниот ден“ Јован 6:40
“Слушајте го Божјиот збор (Библијата м.з.) и применете го во пракса“ Лука 8:21
“Бидете мудри и чувајте го срцето на вистинскиот пат“ Изреки 23:19 А патот, вистината и животот е Исус Христос.

 

 

 

Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com