Почеток Контакт English   
 
 

За љубовта – WM004

„Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, сe извинува, во сe верува, на сe се надева, сe претрпува. Љубовта никогаш не престанува...“ 1 Коринтјани 13:4-8.

Драги пријатели, ова е Божјото упатство за вистинското значење на зборот љубов – вистинската суштина на животот.

Би можел ли некој од нас само за момент да се обиде да размисли за љубовта, онаква каква што е опишана во Библијата?

Или, едноставно, не можеме да разбереме, што значи тоа практично во нашиот живот.

Кога и да се соочиме со некоја ситуација што не можеме веднаш да ја разбереме и е спротивна на нашите очекувања или цели, обично само формално велиме – таква била судбината. Но, што е тоа судбина? Дали таа навистина го определува нашиот живот? Или пак, е само световно разбирање што ни е предадено од нашите претци?

Да, драги пријатели, нашата судбина се состои во тоа постојано да Го одбегнуваме Господа, да ја одбегнуваме вистината, благословите во животот. И ова е проклетството што сме го наследиле од претходните генерации.

Дали некогаш ќе можеме да го запреме тоа проклетство? Ќе можеме ли да се ослободиме од сите лоши нешта во нашиот живот, од лошите навики и одлуки? Ќе можеме ли да свртиме нова страница во животот кон подобро денес, успешен живот и сигурна и безбедна иднина? Или... ние не го заслужуваме сето тоа?

Да, секако дека го заслужуваме. Бог нe љуби, го љуби секој од нас. Не е важно дали во моментов сме полни со гревови, или дали во нашиот живот имало толку многу погрешни одлуки и како резултат на нив лоши последици. Не е важно дали мразиме сe околу нас, а понекогаш дури и самите себе. Сето тоа е важно, но само ако си подготвен да сториш нешто за твојот живот, за твоето семејство, деца и твоите најблиски, да направиш промени кон подобар живот, кон подобро разбирање на сегашноста.

Суштината на таа промена е прифаќањето на Спасителот Господ Исус Христос, како единствено можно решение што ќе те води сигурно и безбедно, спокојно и среќно низ овој живот. Кога ќе го прифатиш Исус за свој Господ и Спасител, сите лоши нешта во твојот живот ќе исчезнат паралелно со зацврстувањето и практикувањето на твојата вера во Бог.

Основата на твојата вера ќе биде ЉУБОВТА – да Го љубиш Бог со целото твое срце и ближните како себе си. Љубовта е чудесна тајна што ни е дадена како решение за спокоен живот на оваа земја, како состојба што ветува, како бесплатен дар. Ние не ја заслужуваме таа љубов, таа е бесплатен дар од Господа, зашто Тој прв нe возљуби.

Овде не зборуваме за световната љубов, телесната љубов, или за љубовта исклучиво како емоција. Љубовта за која зборуваме доаѓа како природна последица кога го прифаќаме нејзиното вистинско Библиско значење и кога од сe срце и со цела душа ја применуваме.

Обиди се да ги анализираш сите Божествени значења на љубовта. Долготрпелива – премногу тешко е да се биде долготрпелив кога денес секој се разлутува дури и поради мало недоразбирање. Да бидеш полн со добрина, дури и кон оние што те повредуваат, е исто така претешко. Да не завидуваш е невозможно во денешниот свет. Превознесувањето, гордеењето, срдењето, барањето свое, мислењето зло, се наше секојдневие. Сите наши секојдневни постапки и одлуки се оптоварени со сето тоа. А, последиците се познати – остануваме несреќни во нашиот живот. Таму каде што Бог не е присутен во секојдневието, нема мир, нема правилни одлуки, туку само падови, несогласувања, нервоза, страв, лутина и порази во нашиот живот, несигурност за иднината.

Но, Бог ни даде решение. Тој нежно ни објасни какво меѓусебно разбирање треба да имаме, каква љубов треба да прифатиме како модел за животот денес. Ако ги прифатиме сите овие вредности и ги направиме основа за нашата иднина, го одбираме најдоброто можно решение, најдобриот можен начин на живеење.

Одбираме да бидеме успешни. Едноставно одбираме да го прифатиме Божјиот план за нашиот живот, план за среќа, за живот во мир и успех, во надеж и радост.

Драги пријатели, ова е Божја понуда за секого, како бесплатен дар. Треба само да одлучиме да го прифатиме и да го ставиме во нашите срца за да биде како мотор што ќе произведе Божествено однесување, Божествени зборови што ќе излегуваат од нашите усти и Божествени мисли.

Мојата молитва е за сите вас кои се потчинувате на овие зборови, да ги разберете, да ги прифатите и да ги ставите во вашите срца и едноставно да почнете да живеете според нив.

Мојата молитва не е за да: „ 'со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате - и нема да видите.' Зашто срцето на тој народ е закоравено, и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои за да не гледаат со очи, со уши да чујат и со срце да разберат, та да се обрнат да ги излекувам." Исаија 6:9,10

Ве молам, отворете ги вашите срца за Библиските вистини, за Божјата љубов, за успешен живот управуван од Библијата и Господ.

Бидете храбри да го промените вашиот живот токму сега, да го прифатите Господовиот повик за вас и вашето семејство, да се покаете за своите гревови зашто живеевте без Господа сe до овој момент, да Му се предадете на Бог и со вера да почнете отсега да живеете вистински живот. Понекогаш е во ред ако не ги разбирате ваквите нешта, но и не е неопходно. Тоа всушност е и над нашето разбирање. Обидете се само да го прифатите како единствена вистина и откажете се од неуспешен живот, откажете се од падови и од секое зло во вашиот живот.

Нека славата Господова биде со тебе и твоето семејство во секој момент отсега, нека Божјите благослови бидат излез од денешниот товар и нека Господовата милост и љубов биде со тебе и твоето семејство. Нека Светиот Дух те води за да го разбереш денешниот повик за тебе, да те води кон спокоен живот и сигурна и безбедна иднина за тебе и твоето поколение. Амин.

 

Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Бесплатен e-Билтен
Регистрирај се:
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com