Почеток Контакт English   
 
 

За љубовта – WM003

„А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.“ 1 Коринтјани 13:13

Зборот ЉУБОВ по сe изгледа дека е важен како за Библијата, така и за мнозинството од светското население.

Зошто прашањето за љубовта е толку важно за секого и што подразбираме под љубов?

Ќе се обидеме да отвориме други хоризонти во однос на значењето и употребата на зборот љубов и со ова прашање ќе се занимаваме во неколку од следните неделни пораки, со цел да покажеме дека тоа всушност е основата на нашиот живот и нашата поврзаност со Господа, основен принцип за да го придобиеме Божјото присуство во нашиот живот, нашите семејства и домови. Токму затоа ова прашање е многу важно и многу значајно за Господа.

Општо земено, највообичаеното објаснување на значењето на зборот љубов е во емотивна смисла. Затоа треба јасно да разграничиме кое е општо прифатеното сфаќање, a која е вистината.

Не постои некој посебен извор во светот кој го објаснува зборот љубов на некаков друг начин освен како чувство или некој вид емоција - и тоа е сe. Телесното значење ни го покажува всушност тоа што го гледаме со очите. Ова возбудливо масовно разбирање на поимот љубов, во своето основно значење и примена како емоција или чувство или страст кон спротивниот пол, не го исполнуваат нашиот живот и нe разделува од нашиот Создател.

Треба да погледнеме со духовните очи за да ја комплетираме сликата за вистинското значење на љубовта.

Ако ја земеме во предвид Библиската вистина за значењето на поимот љубов, ќе откриеме нова перспектива и нов хоризонт за разбирањето на тој поим.

Љубовта е централната точка во Новиот Завет. Сите заповеди се изразени преку љубовта, исполнети и усовршени во единствената и најголема заповед дадена од Господ Исус Христос: „...Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој разум... Возљуби го својот ближен како себеси!“ Матеј 22:37, 39

Во Библијата зборот љубов се употребува со неколку значења. Едното доаѓа од грчкиот збор „агапас“ и е повеќе став и намерен избор.
Другото доаѓа од „фило“ и повеќе означува приврзаност и посебна лична наклонетост. Таа од човекот бара таква лична приврзаност и наклонетост, преку кои навистина ќе се покаже дека неговото срце е исполнето со неа. Исус се интересира за љубовта што доаѓа од срцето.

Во Коринтјаните 13:4-8 љубовта е објаснета како дејство, одлика на свесен избор на човековото делување.

Библиската дефиниција за зборот љубов се наоѓа во 1 Јован 5:3 каде зборот љубов има духовно значење – агапе љубов и е прецизно дефинирана: „Бидејќи љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови. А Неговите заповеди не се тешки.“ Заповедите ги дефинираат основните елементи на љубовта и насоката што нашите дејства треба да ја имаат доколку сакаме да покажеме љубов.Тоа значи дека послушноста кон Бог е доказ за љубовта. Послушноста е дејство на покорување на Божјата заповед. Во Јован 14:15, Исус вели: „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди.“ Пазењето на заповедите е начин на кој ја изразуваме љубовта. Во Јован 15:10, Тој додава, „Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова.“

Таму започнува Божествената љубов во луѓето. Послушноста кон Божјите заповеди е љубов, бидејќи Бог е љубов. Тој ни ги дава Своите заповеди со љубов.

Во друга смисла, самиот Господ во Јован 15:13,14 рече: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели. Вие сте Ми пријатели, ако го вршите она, што ви заповедам Јас.“

Ова е јасен пат што ни покажува како треба да се разбере вистинското значење на зборот љубов, од Библиска перспектива – единствената вистина.

Љубовта, Божествената љубов е плод, производ на Духот. Тој Дух нe води во вистината. Сепак, наша одговорност е да одбереме да го следиме Неговото водство, да бидеме послушни кон вистините на великиот Бог Кој во нас го создава Својот лик. Послушноста кон Неговите заповеди е Божествена љубов, плод на Неговиот Дух Кој ни дава сила.

Во Ефесјаните 5:25, Тој додава дека ние треба да љубиме „како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себе си за неа.“

Јован 13:35 додава: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе.“ Како што Бог се објавува преку тоа што го прави, така се препознаваат и Неговите деца. Тоа не ни го овозможи нашата љубов кон Бог, туку Неговата љубов кон нас, како што се вели во 1 Јован 4:19 „Ние Го сакаме, бидејќи Он порано нe засака.“ Така, нашата љубов кон Него е одговор на Неговата љубов кон нас. Бидејќи Бог ни ја покажува Својата љубов привлекувајќи нe кон Себе, должни сме да вршиме дела на љубов кон другите за да ги привлечеме кон Него.

Тоа е она што му е потребно на денешниот свет, а особено на нас Македонците. Потребна ни е љубовта, агапе љубовта, Божествената љубов, кон Господа и кон нашите најблиски. Овој вид љубов ќе го подобри нашиот живот; ќе ги подобри нашите бракови, односите со нашите деца, со нашите колеги, соседите, власта. Овој вид љубов е основа на Божјата порака. На таа основа можеме нашите чувства, емоции и сите дејства цврсто да ги градиме како на карпа. Овие се само резултати од вистинската љубов која најнапред доаѓа одозгора.

„Возљубени, да се сакаме еден со друг, оти љубовта е од Бога, и секој, кој сака , е роден од Бога и Го познава Бога; кој не сака, тој не Го познал Бога, оти Бог е љубов... Во тоа се состои љубовта, што не ние го засакавме Бога, туку Бог нас нe возљуби...“ 1 Јован 4:7,8,10.

Но, пред сe, облечете се во љубовта, која е врската на совршенството. Затоа секој треба да се стреми „кон љубовта;“ и да ревнува „за духовните дарови...“ 1 Коринтјани 14:1.

Да се љубиме еден со друг, драги пријатели, да се обидеме да го промениме нашиот живот преку разбирањето и практикувањето на вистинското значење на поимот љубов. Да се приближиме кон нашиот Господ и Спасител Исус Христос покажувајќи дека имаме љубов кон Него и еден кон друг што произлегува од чисто срце. Тоа ќе нe води до благословите што Бог ги приготвил за секој од нас кој пребива во љубовта, ќе ни даде нова перспектива во животот, нова атмосфера во нашите семејства и во нашите односи со другите луѓе.

Драги Небесен Татко, Те молиме помогни ни да ги љубиме другите како што Ти нe љубиш. Во името на нашиот Господ и Спасител Исус. Амин.

 

Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com