Почеток Контакт English   
 
 

Библиски совети - BC002

“Тогаш доведоа при него деца, за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им бранеа. Но Исус рече: ‘Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при мене, зашто на такви е царството небесно“ Евангелие по Матеј 19:13,14 ; Евангелие по Марко 10:14

Во патриархална средина како што е Македонија, ние родителите сме навикнале да се “тресеме над нашите деца“. Често пати претеруваме во нашите грижи за нив. Сепак, нашите намери се да им обезбедиме максимум услови за среќа и радост, да не страдаат, но да имаат пристоен и достоинствен живот.

Дали навистина, силата да го обезбедиме сето ова е во нас? Истовремено, сме се запрашале ли, дали со тоа го правиме вистинското нешто за нив?

Што ако некој не успее со световни напори, во таквите намери?

Почитувани, во се па и во воспитувањето и одгледувањето на децата, на прво место мора да е Господ. Воспитувајќи ги нашите најмили во стравот Господов, ние им даваме вистинска основа за благословен живот преку мудроста и знаењето кои извираат од Божјиот збор – Библијата.

Не смееме да дозволиме, ѓаволот наречен Сатана да владее со нивните и наши животи.

Суровоста на денешницата нe плаши со замавот кој го земал ѓаволот, со неговите зли дела: употреба на дрогата, пијанството, блуд, секаков вид на неморал, искривени вредности кај младите за тоа што е добро, а што зло, лажење, крадење, пцости, пушење и сл. Што е причината за овој замав?

Што е, ако не нашата непослушност кон Бога. Таа и таква непослушност нe води подалеку од Божјото присуство, длабоко во прегратките на Сатаната – ѓавол. А резултатот? Што мислите, кои се последиците од сево ова?

Растурени семејства, разведени бракови, оттуѓени деца, тешко социјализирани, одметнати од вистинските патеки. Децата страдаат, не знаат што им се случува. Каде им започна хаосот, пеколот во кој се наоѓаат. А сe почнува невино. Лукавоста на ѓаволот е толкава, што успева на наједноставен начин да ги заведе децата и младите, со гласот кој им шепоти: Ај не е ништо, еднаш ко ниеднаш, од малку дрога не се умира, од цигари и алкохол уште помалку, сексот не е табу, па нели не сме деца – пораснавме, а и родителите нема да дознаат и сл.

Замките на Сатаната се подготвени токму за нашите деца, за нашите најмили. Нека се замисли секој кој го чита ова, дали би сакал да е актер или домаќин на некоја од драмите споменати погоре. Се надевам не, па дури и ако самиот го поминал тој пат, во неговата младост. Дури повеќе, ќе биде против таквиот пат, ќорсокак, слепа улица, тунел од кој нема излез без Господа.

“Вие сте деца Божји...“ Повторени закони (5-та Мојсеева книга) 14:1 Сите сме деца Божји. Бог за нас го подготвил најдоброто.

Ако Господ нe поучува во доброто, преку верата во него да имаме богобојазлив, богоугоден и благопријатен живот, преку послушност кон родителите и кон Господа, ако преку Словото – Библијата ја примаме пораката дека патот без Бога е патот на пропаст, на безизлез, пат на темнина, без перспектива, без извесност, и ако сево ова е докажано многупати преку сведоштвата на луѓе кои живееле за Бога и од милоста Божја, тогаш зошто би се сомневале. Не гледам една здрава причина, да се запрашаме зошто постојано бегаме од Бога.

А да се потсетиме преку Словото, уште еднаш “Самиот дух му сведочи на нашиот дух, дека ние сме чеда Божји“ Римјаните 8:16 или “Гледајте каква љубов ни дал Отецот – да се наречеме чеда Божји и такви да бидеме“ 1 Јованово послание 3:1

И кој не би сакал да остане чедо Божјо? Кој не би сакал да ја има Божјата милост, заштита и присуство? Кој не би сакал неговите најмили, децата, да имаат благословен, мирен, тих, удобен живот, во среќа и радост во Господа?

Мирот и спокојството доаѓаат само преку милоста Божја и никако поинаку. Се друго е замка од ѓаволот.

Затоа, најдоброто нешто кое можеме да го направиме во нашите животи е да го промениме нашиот пристап кон нив. Ако сме грешеле досега во воспитувањето и одгледувањето на децата, повеќе да не грешиме. Секој се раѓа како диво осле, неприпитомено, и доколку не интервенираме со Божјото упатство за тоа како треба да живееме самите, и како да ги одгледуваме и воспитуваме нашите деца, тогаш сме останале диви ослиња и сме се одметнале од Бога и од Божјото присуство. Тогаш, навистина нема кој да нe заштити од злото, зашто самите не сме доволно силни да се заштитиме и да му се спротивставиме на ѓаволот. Затоа страдаме, затоа ни страдаат децата и кругот на растројството станува се поголем.

Излезот е единствено во Бога, во нашата силна одлучност да ги свртиме нашите животи кон единствениот Господ и Спасител Исус Христос, кој, преку силна вера, постојана молитва и бдеење над Словото Божјо и над нашите деца, ќе ни ја врати милоста негова и ќе направи чудеса во вистинска насока. Во насока кон благословите Божји за нас и за нашите деца.

“Блажен е оној кој не оди по совети безбожни, ниту стои на патот на грешните, ниту седи во друштво на развратници“ Псалм 1:1

Молитва за сите оние кои во моментов поминуваат низ разни премрежја:

“...Молитвата моја ја упатувам кон Тебе, Господи; благопријатно е времето, Боже, со големата своја милост услиши ме заради вистината на спасението од Тебе;
извади ме од калта, за да не потонам; да се избавам од оние, кои ме мразат, а и од длабоките води; за да не ме потопи водниот вртеж, и длабината да не ме проголта, да не ја затвори над мене бездната својата уста.
Услиши ме Господи, зашто е блага твојата милост; поради твојата голема милосрдност погледај ме; не одвраќај го лицето Свое од чедото Твое, зашто сум нажален; услиши ме брзо; Наклони се кон душата моја и избави ја;...“ во името на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Амин.


1 Псалм 68:13-18

Copyright 2006, Maran atha. All rights reserved.
 
Двонеделна анализа
„Секое царство разделено на две половини, едно против друго, запустува; и дом – на групи, една против друга, пропаѓа“ Лука 11:17.
Библиско советување
Оваа порака е намената за вас децата и за младите луѓе. Досега, сигурно сте слушнале за трагичната случка од...
Христијански вести
Во Палестина продолжуваше битката на три фронта помеѓу Евреите, Арапите и Британците...
 
   Лично сведоштво
„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сe стана ново.“ 2 Коринтјаните 5:17
повеќе »
 
 
   Bible Gateway
Пребарај збор или фраза во Библијата:
BibleGateway.com